
Македонските граѓани и бизниси наскоро би можеле да ја почувствуваат вистинската „ЕУ слобода“ и во мобилните комуникации. Европската комисија вчера објави дека ќе започне билатерални разговори со земјите од Западен Балкан со цел постепено укинување на роаминг-тарифите. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, потврди дека Македонија активно работи на усогласување со европските стандарди.
Според Андоновски, нашата земја веќе направила значајни чекори во прилагодувањето на домашната регулатива. „Со последниот Закон за усогласување, Македонија ќе биде меѓу првите земји во регионот целосно подготвени да воведат роаминг како дома“, нагласи министерот.
Тој дополнува дека законските измени на Законот за електронски комуникации, заедно со потребните правилници, треба да бидат финализирани до средината на март. Подготвениот пакет ќе биде испратен во Европската Унија за проверка, со цел да се потврди неговата усогласеност со регулативата на Унијата.
Сепак, точното време кога граѓаните ќе можат да користат мобилен интернет или повици низ ЕУ без дополнителни трошоци сè уште не е познато. Причината е комплексната координација која ЕУ треба да ја направи со сите телекомуникациски оператори. Андоновски е оптимист дека штом Македонија ја заврши својата работа, Брисел ќе реагира брзо.























