По повод 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во ОУ „Кочо Рацин“ во Битола се одржа панел-дискусија насловена „Биди промена, биди поддршка – со перспектива, иновација и заедничка акција до успешна едукација и рехабилитација“.

Пораката до професионалците и семејствата беше јасна: инклузијата не е опција, туку заедничка обврска. Панелистите дискутираа за тоа како да се гледа личноста повеќе од дијагнозата, влијанието на родителската перспектива на рехабилитацијата, најкорисните иновативни практики и адаптирањето на домашни и меѓународни модели во услови на ограничени ресурси.
Директорката Драгана Кирковска се обрати со поздравен говор, а градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека одбележувањето на денот е потсетник и поттик за продолжување на конкретните чекори за развој на инклузивни политики на локално ниво.

„Општина Битола работи на развивање пристапна инфраструктура, подобрување на образовните услуги, поддршка на ресурсните центри и соработка со училиштата и граѓанските организации. Наш приоритет е секое дете и млад човек со попреченост да добие навремена, квалитетна и персонализирана поддршка. Инклузијата не е само политика – тоа е јадро на развојот на една современа и хумана заедница“, порача Коњановски.
Во рамки на дискусијата беше истакната важноста на заедничката акција и тимската работа меѓу психологот, дефектологот, родителот и училиштето, како и изградбата на култура на соработка, наместо индивидуални напори.
На панелот учествуваа дефектолози од редовните училишта, Центарот за поддршка, доктори од Здравствениот дом, професори од Славјанскиот Универзитет и Високата медицинска школа, претставници од Регионалното тело – МКФ, градинките од Битола, како и од Заводите за рехабилитација на слух, говор и глас и за ментално здравје.



























