
Паркот на Могилата во Прилеп и оваа сабота ги пречека посетителите во беспрекорна состојба – чисти патеки, уредени зелени површини и пријатна атмосфера што ги привлекува граѓаните да го поминат слободното време во природа.
Од ЈКП „Комуналец“ Прилеп информираат дека утринските часови во паркот се исполнети со мирис на свежо косена трева, жуборот на гејзерите, звукот на прскалките за полевање, како и со комуналните работници кои се грижат за одржувањето на просторот. Во паркот може да се забележат и рекреативци кои ги користат трим-патеките и спортските терени.
Во попладневните часови, Паркот на Могилата станува омилено место за одмор, рекреација и дружење. Голем број граѓани ги користат ладовината, детското игралиште, реновираните спортски терени и останатите содржини што ги нуди оваа парк-шума, која се простира на површина од 28 илјади квадратни метри.
Од ЈКП „Комуналец“ апелираат граѓаните заеднички да придонесат за зачувување на чистотата и убавината на паркот.
„Да ја чуваме чиста оваа убавина, природно од Господ дарена и создавана од човечка рака. Чисто е убаво!“, порачуваат од претпријатието.

















