
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска присуствуваше на завршната конференција на проектот „Никој зад“, чија главна цел е зголемување на учеството на децата и младите со попреченост во спортските активности, промоција на активен начин на живот и јакнење на инклузивни спортски политики.

Како што беше истакнато на настанот, проектот има за цел да промовира пристап „никој да не биде изоставен“, преку развој на одржлива спортска политика, меѓусекторска соработка и подигнување на свеста за значењето на спортот во социјалната интеграција.
Координатор на проектот е Центар за активни млади – Битола во партнерство со организации од Шпанија и Португалија кои работат со млади со попреченост. Во рамки на проектот се реализирани обуки за вклучување на деца со помалку можности, како и обуки за тренери, со цел размена на добри практики, јакнење на капацитети и поттикнување иновативни пристапи во областа на инклузијата.

Посебен акцент е ставен и на прирачникот подготвен во рамки на проектот, кој ќе претставува ресурс за идни тренери и спортски организации, со цел олеснување на пристапот до рекреативни активности за лица со попреченост и нивно поактивно вклучување во спортот и секојдневниот живот.
На конференцијата беше истакнато дека проектот треба да придонесе кон создавање на поинклузивни заедници, засновани на солидарност, емпатија и еднакви можности.
Во своето обраќање, Коњановски ги посочи и тековните јавни повици на Општина Битола насочени кон унапредување на условите за лицата со попреченост, меѓу кои услуги за рехабилитација и поддршка преку здруженија на граѓани, поддршка за спортски клубови во кои членуваат деца од ранливи категории, како и изработка на студија за состојбите и потребите на лицата со попреченост и аутистичен спектар.
Тој додаде дека се спроведуваат и обуки за лични асистенти и негователи, мерки за зголемување на пристапноста и мобилноста, како и повици за поддршка на лица со ретки болести, но и финансиска поддршка за младински проекти за 2026 година.

















