
Вработените од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, заедно со доброволци од Исламската верска заедница и под надзор на стручни лица од НУ „Завод и музеј“, денеска спроведоа финална акција за чистење на внатрешноста на џамијата во централното градско подрачје.
Во рамки на акцијата беше отстранета обраснатата трева, самоникнатите дрвја, како и отпадот кој бил фрлан од несовесни граѓани. Надлежните посочуваат дека станува збор за објект кој има статус на споменик на културата и се наоѓа под заштита на НУ „Завод и музеј“.
Од институциите апелираат до граѓаните и дуќанџиите да не фрлаат отпад во внатрешноста на џамијата и да придонесат кон зачувување на културното наследство и јавната чистота.























