Седум години по ред, Битола не е само град, таа е сцена. „Трчај бе“ одамна ја надмина рамката на класична трка: од Форест Гамп на Широк Сокак, преку битолцизмите и Римскиот Давид, па сè до минатогодишниот слоган „Филм ми е да трчам“. Секое издание е ново поглавје, нов жанр, нов начин да се раскаже истата приказна – дека трчањето може да биде културен феномен.
Оваа година, под мотото „Битолси“, трката носи омаж на градот и неговите херои, мали и големи, познати и непознати, кои ја полнат Битола со звук и ритам. За тајните зад седмото издание разговараме со Никола Димитровски, директорот на трката и човекот што ја претвори оваа авантура во традиција.