
Две куќи во тетовската населба 146 се оштетени откако по обилните врнежи од дожд се урна потпорен ѕид, принудувајќи ги семејствата да ги напуштат своите домови поради опасност од нови одрони.
Дилавер Јашари, еден од жителите чија куќа е директно погодена, раскажува дека несреќата можела да заврши трагично. Во моментот на уривањето, неговиот син бил во близина на ѕидот. Според него, среќа е што никој не е повреден, иако штетата е голема и домот повеќе не е безбеден за живеење.
Тој вели дека проблемот со ѕидот го пријавувале повеќепати уште од моментот кога бил изграден, бидејќи бил небезбеден и претставувал ризик за околните куќи. По уривањето, општинските служби и полицијата им препорачале да не престојуваат во објектите поради можност од дополнителни оштетувања.
Слична е состојбата и кај соседот Мухамет Селами, чија куќа исто така е оштетена. Тој тврди дека ѕидот бил изграден без дозвола и дека трипати поднесувал пријави до надлежните институции, но без никаков одговор. По уривањето, семејството било принудено да се исели и привремено да изнајми стан.
Двајцата велат дека немаат финансиска можност сами да ги санираат штетите и очекуваат Општина Тетово да преземе одговорност и да обезбеди обештетување и решавање на проблемот.
Од Општина Тетово до затворањето на ова издание не беше добиен одговор. Во меѓувреме, патот кон Тетовската Бања и понатаму е блокиран поради одрони предизвикани од врнежите, а механизацијата работи на негово расчистување.



























