Странски експерти од Словенија и Франција денес пред битолчани ги претставија првичните предлози од физибилити студијата за изградба на гондола кон Пелистер, која би стартувала од Дихово, Ротино или Цапари и би се искачувала до високите предели на планината, со можност конечната станица да биде врвот Антена на 2.601 метри надморска височина.
Според експертот Франц Фурлан од Словенија, Пелистер има огромен потенцијал да стане туристички бисер за сите четири сезони, доколку се развие со еко-инфраструктура каква што се применува ширум светот. Тој нагласи дека современите трендови се насочени кон авантуристички туризам и ограничување на возилата на планината, додека гондолите овозможуваат пристап и за оние кои досега тешко стигнувале до високите зони.
Градоначалникот Тони Коњановски истакна дека ова е почеток на долг процес, но дека студијата ќе ја насочи Општината кон најдобрата траса. Тој посочи дека меѓустаницата се разгледува да биде кај Копанки или Молика, каде веќе постои инфраструктура и активности.
Советникот Иван Чулакоски, кој ја иницираше идејата во 2023 година, предложи почетната станица да биде помеѓу Битола и Дихово, со меѓустаница кај Инфоцентарот, а наместо Антена – завршната станица да биде на месноста Седло, која според него е попогодна и безбедна. Таму би се предвидел мал објект за одмор, без сместувачки капацитети, а во следна фаза би се развивале патеки кон Широка и скијачки терени со минимални интервенции.
Директорот на Националниот парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски, предупреди дека при секој план мора да се води сметка за заштитата на моликовата шума и зоните под строг режим. Како најсоодветна појдовна точка ја посочи Цапари, а истакна дека постојните патеки од фронтовата линија на Баба Планина овозможуваат развој со минимални зафати.
Студијата продолжува, а конечната траса ќе зависи од усогласувањето меѓу туристичкиот потенцијал и строгите правила за заштита на природата.



























