Градоначалникот на општина Јегуновце, Димитар Костадиновски, денес од општинската изборна комисија го доби уверението за нов четиригодишен мандат. Во своето обраќање до граѓаните, тој изрази благодарност до сите кои му ја дале довербата и ја препознале, како што рече, „чесната работа, посветеноста и искрената љубов кон народот“.
„Оваа победа не е моја, ова е победа на сите нас – победа на вредностите, на трудот и на визијата што ја градевме заедно изминативе четири години,“ истакна Костадиновски.
Тој потсети дека при преземањето на функцијата многумина биле скептични, но денес, Јегуновце е препознаено како пример за развој и успешни проекти во сите области на општественото живеење.
„Сето тоа го направивме со срце и со чесна намера за секое семејство, за секое дете, за секој граѓанин,“ порача градоначалникот.
Во новиот мандат, Костадиновски најави уште поголема енергија и повеќе проекти за секое село и за секој човек во општината.
„Ќе бидам истиот човек што го познавате – непосреден, достапен и искрен. Човек што не ветува многу, но исполнува сè што ветил,“ додаде тој.
На крајот, Костадиновски им се заблагодари на граѓаните за довербата и поддршката, повикувајќи на заедништво и продолжување на развојот на општината:
„Да живее Јегуновце! Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Да живее Македонија!“































