„Кој од вас е без грев, нека го фрли првиот камен“, со овие зборови започна секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, по завршувањето на музичкиот спектакл „Bitola Open Air“, за кој вели дека бил најголемиот настан во историјата на градот.

Настанот кој се одржа на 3 август ги собра во Битола илјадниците љубители на музиката, гостите од земјата и странство, и го претвори градот во епицентар на забавата, енергијата и модерната продукција. Според Димитровски, кој и лично бил вклучен во организацијата, настанот бил реализиран на врвно ниво, со невидени звучни и светлосни ефекти и со рекорден број посетители.

„Како човек кој има организирано и продуцирано стотици музички настани, со доблест признавам дека ‘Bitola Open Air’ ги надмина сите. Длабок наклон за сите што работеа на реализацијата, а особено за Avalon International Booking“, рече Димитровски.
Тој потенцира дека настанот претставувал вистинска промоција на Битола, што се гледало и по преплавените социјални мрежи со фотографии и видеа од настанот.
„Битола беше центар на Светот. Не Стокхолм. Битола“, напиша тој на својот Фејсбук-профил, истакнувајќи дека сите патишта тој ден воделе кон неговиот град.

И покрај генералниот позитивен впечаток, Димитровски не го игнорира фактот дека има и критики, но вели дека тие се добредојдени, бидејќи помагаат за иднина во која грешките ќе се коригираат.
„Некогаш е добро и да се пофали нешто. Критиките нека не нè спречат да бидеме горди на доброто што го правиме“, додаде тој.
Настанот, кој беше организиран со поддршка од Општина Битола, ја потврди заложбата на локалната власт за поддршка на урбаната култура, младинската енергија и современите културни изрази.
Фотографии од настанот: Александар Василевски.