УТРО.мк

НАСА планира изградба на нуклеарен реактор на Месечината до 2030 година

НАСА планира изградба на нуклеарен реактор на Месечината до 2030 година
Vero

Американската вселенска агенција НАСА разгледува амбициозен план за изградба на нуклеарен реактор на површината на Месечината до крајот на оваа деценија — потег што се оценува како нова фаза во трката за доминација во вселената, во услови на засилена конкуренција од Кина и Русија.

Според документи до кои дојде влијателниот американски портал Politico, НАСА неделава ќе објави официјален повик до приватниот сектор за предлози за развој на нуклеарен систем со моќност од 100 киловати електрична енергија, наменет за поддршка на долгорочни мисии со човечки екипаж на Месечината.

„Ова е уште една вселенска трка, во која победата носи геополитичка и технолошка предност“, изјавил висок претставник на НАСА за Politico, под услов да остане анонимен.

Агенцијата добила налог во рок од 60 дена да именува раководител на програмата и да започне консултации со индустриски партнери. Целта е реакторот да биде лансиран до 2030 година — период што се совпаѓа со амбициите на Кина да го испрати својот прв астронаут на Месечината.

Претходно, НАСА финансираше развој на помал систем со капацитет од 40 киловати, но најновиот план поставува значително повисоки технолошки и временски цели. Документите предупредуваат и на можноста првата земја што ќе постави реактор да прогласи „ексклузивни зони“ на Месечината — со што би се ограничил пристапот на другите вселенски сили.

Неизвесност предизвикува и предлогот за намалување на буџетот на НАСА од 24,8 милијарди на 18,8 милијарди долари, предложен од администрацијата на Доналд Трамп. Се отвора прашањето дали ќе има доволно средства за вакви проекти, без да се загрози традиционалното истражување на вселената.

Иако планот за нуклеарен реактор на Месечината е сѐ уште во почетна фаза, неговата реализација би можела трајно да го промени пристапот на човештвото кон долгорочен престој и експлоатација на вселената.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран