До 12 часот денеска ширум државата се регистрирани осум пожари на отворен простор. Од нив, три се активни, еден е ставен под контрола, а останатите четири се целосно изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активните пожари се на територија на општините Македонски Брод, Студеничани и Липково. Мешана шума гори во „Јасен“, додека мешана шума и ниска вегетација се опожарени во селата Драчевица и Цветово. Борова шума гори во подрачјето на село Лојане.
Пожарот во општина Јегуновце, помеѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орашје, каде што горела нискостеблеста мешана шума, е ставен под контрола.
Останатите пожари се веќе изгаснати и се наоѓале на териториите на општините Бутел, Струга, Чашка и Куманово.