УТРО.мк

Архитектот Зоран Николовски влезе во трката за градоначалник на Битола како независен кандидат

Архитектот Зоран Николовски влезе во трката за градоначалник на Битола како независен кандидат
Vero

Познатиот битолски архитект и сценограф Зоран Николовски официјално поднесе кандидатура за независен кандидат за градоначалник на претстојните локални избори во Битола.

Николовски е вработен во Завод и Музеј Битола од 1999 година, а во два наврати раководеше со оваа институција – од 2006 до 2010 година, за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ, и неодамна како в.д. директор предложен од партијата ЗНАМ. Тој беше сменет по одлука на министерот за култура Зоран Љутков, кој не ја продолжи неговата функција. Познат е по бројни проекти и поставки во музеите низ земјата, како и по јавните архитектонски идеи за поубава Битола кои ги објавуваше на социјалните мрежи.

На претходните локални избори Николовски беше еден од внатрепартиските кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, но довербата тогаш ја доби Тони Коњановски.

Во изјава за „Апла“, Николовски ја објасни својата одлука:

„Мојата кандидатура е природна реакција на досегашното владеење на политичарите во Битола. Јас не сум политичар, јас сум архитект. Архитектот е конструктивен, политичарот е деструктивен. Цел мој живот сум го посветил на родниот град и многу добро знам што му треба и како тоа да го направам. Мојата визија ми е сè во животот – со неа се будам, со неа заспивам.“

Со неговата кандидатура, бројот на независни кандидати за градоначалник на Битола се зголемува на тројца. Покрај Николовски, во трката се и Ќире Димов, поддржан од партијата ТМРО на Ванчо Шехтански, и Габриела Илиевска од граѓанската иницијатива „Поинаку“.

Од редовите на партиите, досега официјално свои кандидати имаат актуелниот градоначалник Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ и Методија Куновски од СДСМ. Битолчани со внимание очекуваат дали и Левица ќе излезе со сопствен кандидат или ќе даде поддршка за некој од веќе најавените.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран