
Интензивните врнежи од дожд и снег во последните 24 часа предизвикаа зголемување на нивото на реките во повеќе делови на земјава, предупредува Центарот за управување со кризи (ЦУК). Состојбата се следи во реално време, а надлежните служби се активирани на терен, интервенирајќи каде е најпотребно.
Во северниот дел на државата, Куманово, Липково и Старо Нагоричане бележат повисоки водостоји, но засега нема опасност од излевање. Кратово, пак, се соочува со повремени врнежи кои ја покачуваат Кратовска и Крива Река, без да предизвикаат конкретни проблеми.
Во Битола, врнежите предизвикаа одрон на магистралниот пат Е-65, по што е известено ЈП „Македонија пат“. Исто така, Сива Река излегоа од своето корито кај локалитетот Хераклеа, а за тоа се известени екипите на ЈП „Нискоградба“. Во Новоци, Црна Река достигна висина од околу 280 см, додека во Демир Хисар се забележува зголемување на нивото без сериозни излевања.
Најкритична е ситуацијата во Кичево, каде 250 лица, или 63 семејства, се евакуирани. За нив се обезбедени храна, вода и основна поддршка. Комуналните служби продолжуваат со расчистување и продлабочување на коритото на Зајашка Река, како и со чистење на канализациската мрежа. ТППЕ екипите интервенираат со испумпување на вода од подрумите на повеќе локации по пријави на жителите.























