
Коалицијата ВЛЕН упати критики кон поранешниот министер за правда Билен Салији, обвинувајќи го дека за време на неговиот мандат не презел конкретни чекори за воведување на правосудниот испит на албански јазик.
Од ВЛЕН велат дека серијата на, како што наведуваат, неисполнети ветувања од страна на кадрите на ДУИ во Министерството за правда не завршува со Блерим Беџети, Аднан Јашари и Валдет Џафери, туку продолжува и со Билен Салији.
„Билен Салији не остана запаметен по некоја значајна реформа или по чекор што им помогнал на студентите и граѓаните. Тој треба да објасни зошто, додека беше министер за правда, правосудниот испит не беше овозможен на албански јазик и зошто ова прашање не беше придвижено ниту за еден чекор“, велат од ВЛЕН.
Во соопштението коалицијата потсетува и на оставката на Салији по случајот со малиот Алмир, оценувајќи дека тогашниот потег бил претставен како морален чин, но без суштински резултати.
Од ВЛЕН додаваат дека граѓаните очекуваат конкретни решенија, а не политички пораки без реални резултати, посочувајќи дека прашањето за правосудниот испит на албански јазик останува еден од нивните приоритети.















