
Пожар избувна на депонијата „Краста“ во Куманово, а екипите на ЈП „Чистота и Зеленило“ од синоќа се на терен и работат на негово гаснење со помош на механизација.
Директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, информираше дека сите расположливи екипи се ангажирани на локацијата и дека во текот на денот ќе се врши затрупување со земја со цел целосно да се локализира чадењето. Во интервенцијата се вклучиле и кумановските пожарникари, кои со едно противпожарно возило дејствувале од 20:35 до 23:10 часот.
Депонијата „Краста“, лоцирана на регионалниот пат Куманово–Пчиња, е предвидено во иднина да биде трансформирана во претоварна станица, од каде отпадот од Куманово ќе се транспортира до регионалниот центар во Свети Николе. Проектот е финансиран од Европската Унија и опфаќа повеќе општини од североисточниот и источниот регион.
Во изминатиот период на депонијата биле преземени активности за затрупување и порамнување со земја, со цел да се намали ризикот од пожари и ширење на непријатни миризби. Овој проблем со години предизвикува незадоволство кај жителите на селото Пчиња, кои во повеќе наврати бараа нејзино дислоцирање.
„Краста“ функционира од 1958 година, се простира на површина од 12,5 хектари и претставува главна локација за одлагање отпад од Куманово и околните населени места.
Покрај пожарот на депонијата, вчера бил опожарен и контејнер на плоштадот „Маршал Тито“ во Куманово. На местото интервенирале пожарникари, а од ЈП „Чистота и Зеленило“ повторно апелираа за поголема одговорност и санкционирање на лицата кои предизвикуваат вакви инциденти.















