Во текот на летниот период, на педесетина училишта низ државата ќе бидат поставени фотоволтаични системи, информира денеска владината прес-служба.
„Министерството за образование и наука склучи договор за неповратен грант од 1,1 милион евра со Банка за развој при Совет на Европа за инвестирање во обновливо извори за енергија. Со оваа инвестиција ќе се заштедат големи буџетски средства, а тие пари потоа ќе можат да се реинвестираат во инфраструктурни проекти, учебници и дигитални помагала за учениците“, се вели во соопштението.
Од Владата нагласуваат дека преку вложување во обновливи извори на енергија ќе се намалат не само трошоците, туку и загадувањето на животната средина.
„Владата има визија, план и цел за подобрување на образовниот процес. Преку квалитетно реформирано образование и преку реализација на проекти ќе го подобриме образовниот систем. Државата е на патот на промените“, стои во владиното соопштение.