
Силен ветер, дожд и снег на планините, а потоа и значително постудени утра, најавува Управата за хидрометеоролошки работи за почетокот на новата работна недела. За понеделник, 23 ноември, издадено е портокалово предупредување поради ветерот, особено во западните делови на земјава.
Во текот на ноќта врнежите најпрво ќе започнат во западните делови, а потоа ќе се прошират низ целата земја. Со спуштањето на постудена воздушна маса, на некои повисоки места ќе има дожд и снег, додека на планините врнежите ќе бидат од снег.
Ќе дува засилен ветер, кој во текот на ноќта повремено ќе биде силен и на моменти ќе достигнува брзина над 70 километри на час. Претпладне ветерот ќе биде од западен, а попладне од северен правец.
Минималните температури во понеделник ќе се движат од 2 до 9 степени, додека максималните ќе достигнат од 11 до 19 степени.
Во вторник сонце, но и постудено утро
По дождот и засилениот ветер, во вторник се очекува сончево и постудено време со мала облачност.
Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, кој долж Повардарието повремено ќе засилува. Утринските температури на места ќе се спуштат до минус 4 степени, а дневните ќе се движат од 6 до 14 степени.
Во среда температурата ќе се спушти до минус шест
Најстуденото утро во овој период се очекува во среда, кога температурата на места ќе падне до минус 6 степени.
Во текот на денот ќе биде сончево и постудено, со мала до умерена облачност и услови за појава на утринска магла. Кон крајот на денот во западните делови повторно се очекува дожд, а на планините снег.
Максималните температури во среда ќе се движат од 8 до 14 степени.
Нов дожд и снег во четврток
Во четврток се најавува претежно облачно време со дожд, додека на повисоките места ќе има и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови од земјава.
Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Утринските температури ќе се движат од минус 2 до 6 степени, а дневните од 5 до 11 степени.























