УТРО.мк

Рама порача да ги внесеме Бугарите во Уставот, Мицкоски одговори: Тоа е внатрешно прашање

Рама порача да ги внесеме Бугарите во Уставот, Мицкоски одговори: Тоа е внатрешно прашање
Vero

Албанскиот премиер Еди Рама порача дека Македонија со право се сомнева дали по внесувањето на Бугарите во Уставот повторно би се појавиле нови пречки на патот кон Европската Унија, но оцени дека уставните измени се услов што земјата треба да го исполни за да продолжи кон членство.

Рама истовремено нагласи дека никогаш не би ѝ кажувал на македонската Влада или на граѓаните што треба да направат и дека Албанија нема да биде пречка за европскиот пат на Македонија.

На истото новинарско прашање одговори и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека станува збор за внатрешно прашање на државата и дека македонската страна нуди решенија за надминување на предизвикот.

Рама: Македонија има право да се сомнева

Прашањето за уставните измени беше отворено по претходните коментари на Рама во интервју за Бугарската национална телевизија, каде што се осврна на внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав и на договорената рамка за продолжување на евроинтеграциите.

Албанскиот премиер сега појасни дека дел од неговите зборови биле извадени од поширокиот контекст на одговорот што го дал за бугарските медиуми.

Рама потсети дека Македонија направила значителни отстапки на патот кон ЕУ, вклучително и промената на името, но дека и покрај тоа ветувањата за напредок во евроинтеграциите не биле исполнети.

„Македонската страна со право се сомнева дека може повторно да има нешто друго доколку го направи овој чекор и ги вклучи Бугарите во Уставот“, рече Рама.

Тој додаде дека, според неговото гледиште, Македонија треба да го исполни условот за да влезе во ЕУ, но нагласи дека одлуката не е негова.

„Никогаш не би си дозволил да ѝ кажувам на Владата или на народот на Северна Македонија што треба да направат. Албанија никогаш нема да биде пречка на кој било начин за одложување на членството на Северна Македонија во Европската Унија“, порача албанскиот премиер.

Мицкоски: Свесни сме за реалноста и нудиме решенија

Премиерот Мицкоски оцени дека Рама дал пошироко објаснување за својот став и одговорил на дилемите поврзани со претходната изјава. Тој посочи дека дел од јавните настапи често се издвојуваат од контекстот, наместо да се разгледа целосната порака.

„Тоа се внатрешни прашања на една држава. Ние сме, се разбира, свесни за реалноста, не ја игнорираме реалноста и исто така сме конструктивни и секогаш нудиме решенија за надминување на овој предизвик“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека довербата меѓу државите се гради преку соработка и заеднички проекти. Како пример го посочи Коридорот 8, кој треба да ги поврзе Македонија, Албанија и Бугарија.

Според Мицкоски, инфраструктурните проекти се можност за зајакнување на регионалната соработка и приближување на трите земји.

Рама: Со Мицкоски немаме суштински разлики

Албанскиот премиер се осврна и на односите со Мицкоски, нагласувајќи дека нивното пријателство е взаемно и дека различните нијанси во јавните изјави не значат суштинско несогласување.

„Меѓу мене и премиерот Мицкоски нема апсолутно никаква суштинска разлика што би го попречила нашето пријателство. Напротив, нашето пријателство со текот на времето станува сè појасно“, рече Рама.

Прашањето за уставните измени останува дел од разговорите за европскиот пат на Македонија. Рама порача дека Албанија ќе продолжи да го поддржува напредокот на соседната земја кон Европската Унија.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран