
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан му го честита 80. роденден на рускиот патријарх Кирил, посакувајќи му здравје, мир и уште многу години во службата на чело на Руската православна црква.
Во честитката, објавена од Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, поглаварот на МПЦ-ОА ја истакнува „духовната мудрост и татковска грижа“ на Кирил во неговото првосветителско служење.
Пораката беше објавена по повод јубилејот на рускиот патријарх, а македонските архијереи митрополитот дебарско-кичевски Георгиј и епископот хераклејски Климент престојуваа во Москва како претставници на архиепископот Стефан.
Во писмото Стефан го опишува црковното служење на Кирил како посветено на Црквата и верниците. Тој му посакува духовна сила во извршувањето на должноста и многу години служба за доброто на Руската православна црква и православието.
Македонските владици на средба во Москва
Честитката беше објавена во рамки на посетата на македонската црковна делегација на Русија, каде што се одбележа 80. роденден на патријархот Кирил.
Како што претходно објави „Булевар“, Кирил на 21 ноември ги прими митрополитот Георгиј и епископот Климент во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир во Москва.
На средбата рускиот патријарх рече дека таа е посебна, бидејќи македонските архијереи првпат присуствуваат како делегати на Македонската црква, за која тој посочи дека добила „законска автокефалија“.
Кирил ја истакнал и словенската и духовната блискост меѓу двете цркви, како и заедничката кирилометодиевска традиција. Според соопштението на Московската патријаршија, тој оценил дека односите со МПЦ-ОА се развиваат, посочувајќи го образованието на македонски студенти во руските духовни училишта и разговорите за заеднички проекти.
Митрополитот Георгиј, пак, се заблагодарил за поддршката од Московската патријаршија при решавањето на статусот на МПЦ-ОА и за доделувањето автокефалност од Српската православна црква.
Разменети и подароци
За време на средбата, македонската делегација на патријархот Кирил му подарила икона на светите Кирил и Климент Охридски.
Рускиот патријарх, пак, испратил подарок за архиепископот Стефан – комплет од две панагии и напрсен крст. Панагии им подарил и на митрополитот Георгиј и на епископот Климент.
Честитката во контекст на војната во Украина
Во објавеното писмо на архиепископот Стефан не се споменува војната во Украина. Патријархот Кирил претходно беше предмет на меѓународни критики поради неговата поддршка за руската инвазија.
Велика Британија во јуни 2022 година го стави Кирил на својата санкциска листа. Истата година неговото име беше отстрането од предложениот пакет санкции на Европската Унија по противењето на Унгарија.
Прочитајте и: Македонските владици на средба со рускиот патријарх Кирил: Првпат во Москва како делегација на автокефална црква























