Владата и Министерството за здравство разгледуваат три потенцијални решенија за идниот Клинички центар во Скопје, изјави министерот за здравство Азер Алиу во интервју за Радио Слободна Европа. Проектот се смета за стратешки и е дел од првата фаза на пошироката здравствена реформа.
Како можни опции се споменуваат:
Реконструкција и модернизација на постојниот клинички кампус. Изградба на сосема нов Клинички центар на нова локација. Префрлање на комплетниот комплекс во просторот кај ГОБ „8 Септември“.
Алиу нагласи дека процесот е во рана фаза и дека изборот ќе зависи од експертски процени за инфраструктурата, пристапноста и интеграцијата меѓу клиничките, академските и административните функции.
„Важно е Клиничкиот центар да остане тесно поврзан со Медицинскиот факултет, поради развојно-истражувачката работа. Потребно е решение што нема да ги наруши ни образовните, ни здравствените процеси“, рече Алиу.
Министерот објасни дека средствата од британскиот договор, во висина од 205 милиони евра, ќе се вложат во повеќе објекти низ државата. Во Кичево ќе се гради нова болничка зграда, во Тетово ќе се реконструира комплетниот капус, додека во Штип ќе се подигне нова зграда за Медицинскиот факултет и ќе се подобруваат постојните клинички капацитети.
Во втората фаза ќе следи анализа на останатите регионални здравствени центри, со цел децентрализација на услугите и рамномерна здравствена покриеност. Министерството веќе прави мапирање на инфраструктурата и кадарот, со план за формирање регионални институции кои поефикасно ќе одговараат на потребите на населението.























