
Три лица, меѓу кои и едно дете, се тешко повредени во експлозија на експлозивна направа што се случила во понеделник вечерта во станбена зграда во Монако.
Нападот се случил околу 21 часот на влезот од станбен комплекс во близина на француската граница, а повредените веднаш биле пренесени во болници во Франција.
Според властите, осомничениот по експлозијата побегнал во Франција и е во бегство, додека полицијата на Монако и Франција интензивно трага по него. Се наведува дека напаѓачот бил снимен од безбедносни камери додека поставувал ранец со експлозивна направа исполнета со метални делови.
Државниот министер на Монако, Кристоф Мирман, изјави дека осомничениот пеш ја преминал границата и бил идентификуван со помош на видеонадзор.
Принцот Албер II го осуди нападот, оценувајќи го како „грозоморен чин“, и нагласи дека сите надлежни служби се ангажирани за обезбедување на безбедноста.
Француските медиуми и украинскиот портал „Украинска правда“ објавија дека меѓу повредените е украинскиот градежен тајкун Вадим Јермолаев, кој претходно бил ставен на украинската листа на санкции поради наводни врски со Русија.

















