
Премиерот Христијан Мицкоски во гостување на Телма телевизија потврди дека со најавената реконструкција на Владата, ресорите здравство и социјална политика, демографија и млади ќе бидат предводени од нови министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Имињата на новите министри во овие два ресора се очекува да бидат официјално објавени по седницата на Извршниот комитет на партијата, која се одржува вечерва.
Според најавите, министерствата за култура, политички систем и правда ќе бидат распределени кај коалицискиот партнер ВРЕДИ.
Коалицијата ЗНАМ ќе го добие ресорот земјоделство, шумарство и водостопанство, како и дополнителна позиција заменик-министер, за која ќе се разговара во септември.
Мицкоски најави и дека функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење нема да постои како посебен ресор, туку ќе биде директно под надлежност на премиерот.
Тој додаде дека во владејачката коалиција наскоро може да се приклучи и Турската демократска партија, со која преговорите сè уште се во тек.

















