
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против претседателот на Основниот суд Гостивар, Елјеса Алији, и судски администратор, поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание.
Според информациите од обвинителството, двајцата осомничени во периодот од јануари 2023 до 2025 година, искористувајќи ја својата службена положба и влијание, барале и примиле вкупно 8.000 евра за да интервенираат кај судии во Основниот суд Гостивар и во Апелациониот суд Гостивар во врска со граѓански спор.
Како што соопшти ОЈО ГОКК, првично за сума од 5.000 евра требало да посредуваат кај судија во Основниот суд Гостивар за да донесе решение за повторување на постапката во предмет за кој претходно била донесена одбивателна пресуда. „За надомест од 5.000 евра тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбивателна пресуда.
Откако не успеале, повторно по барање на осомничените, со дополнителни парични средства во износ од 3.000 евра требало да интервенираат кај судии во втор степен за укинување на решението со кое не било дозволено повторување на постапката“, информираат од обвинителството.
Во истрагата е опфатен и судскиот администратор, кој според обвинителството примил дополнителни 800 евра за да заврши работа поврзана со доставен писмен документ од извршител.
Од ОЈО ГОКК посочуваат дека осомничените заедно и со умисла го искористиле реалното и претпоставеното влијание што го имале како претседател на суд и судски администратор.
„Осомничените во периодот од месец јануари 2023 година до 2025 година, заедно со умисла, искористувајќи ја својата службена положба, реално и претпоставено влијание како Претседател и Судски администратор, барале и примиле парична награда во износ од 8.000 евра, а второосомничениот и износ од 800 евра, со цел да интервенираат кај судија на Основниот суд Гостивар и совет на судии во Апелациониот суд Гостивар за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши“, додаваат од обвинителството.
За двајцата осомничени обвинителството побарало мерки на претпазливост.
Елјеса Алији беше избран за претседател на Основниот суд Гостивар во 2021 година, а претходно ја извршуваше функцијата вршител на должност претседател на Основниот суд Тетово. За судија во гостиварскиот суд бил избран во мај 2005 година.
















