
На денешното рочиште за случајот „Пулс“, сведокот Драги Илиевски изјави дека Општина Кочани реагирала за намената на објектот и побарала да се спречи негово користење како дискотека.
Тој појасни дека објектот се наоѓал во зона Г2, наменета за лесна и незагадувачка индустрија, каде што не е дозволена угостителска дејност од ваков тип, ниту пак може да се изврши пренамена.
Според сведочењето, Општината испратила дописи до Државниот пазарен инспекторат и лично на рака до државниот секретар во Министерството за економија, со барање да не се издаде лиценца.
Во меѓувреме, Општината првично издала позитивно известување за користење на јавен паркинг, но истото било поништено веднаш по сознанијата дека во објектот ќе се отвора дискотека, токму поради несоодветната намена на локацијата.
Илиевски истакна дека општината нема законска надлежност да издава лиценци, да ја контролира дејноста или да затвора објекти, но дека сепак презела чекори за да алармира кај надлежните институции.
Сведокот Дејан Рашков, пак, појасни дека надоместокот за лиценца се уплаќа на сметка која автоматски ги дели средствата, при што 50% завршуваат во буџетот на општината, но општината има увид само во вкупните износи, а не во поединечните уплати. Тој нагласи дека општинските инспектори се самостојни во своето постапување и немаат надлежност да ја контролираат дејноста во објектите или да ги затвораат, додека контролата врз нивното работење ја врши Државниот градежен инспекторат.
Судењето продолжува со изведување нови докази и сведочења.























