Тројца експерти за кардиологија од различни европски држави ќе извршат независен надзор во Македонија за да утврдат дали се изведуваат непотребни срцеви операции и стентирања со цел профит. Ова го најави министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција.
Алиу истакна дека од наредниот месец приватните здравствени установи ќе мора задолжително да ги отворат своите бази на податоци. Во Министерството веќе работи комисија која ги отстранува законските пречки за реализација на контролите.
„Ова е право на државата, затоа што секој граѓанин директно или индиректно придонесува во здравствениот систем и Фондот. Мора да имаме целосна слика за здравствената патека на секој пациент“, изјави Алиу.
Стручната комисија ќе биде составена од тројца странски експерти, кои нема да бидат од соседните земји, со цел да се гарантира независност и транспарентност на извештајот. Контролите ќе започнат од приватните здравствени институции, но ќе продолжат и во јавните клиники.
Министерството располага со податоци од 2019 до 2025 година за сите кардиолошки интервенции. Според официјалните информации, годинава се извршени 493 интервенции во Охрид, 105 во Државната кардиохирургија, 1.488 на Универзитетската клиника за кардиологија, 531 во „Аџибадем Систина“ и 939 во „Жан Митрев“.
Алиу најави и средба со кардиологот Сашко Кедев, чии изјави за непотребни интервенции беа повод за вонредната проверка. „Не сакаме да брзаме за сензации, туку да имаме прецизни и јасни извештаи што ќе бидат јавни и ќе покажат дали е потребна промена на закони, стандарди или протоколи“, нагласи министерот.
Тој додаде дека по завршувањето на анализите, извештајот ќе биде достапен за јавноста и ќе претставува основа за натамошни чекори во здравствениот систем.