УТРО.мк

Мицкоски ја затвори дилемата: Бадентеровото мнозинство останува, темата е завршена

Мицкоски ја затвори дилемата: Бадентеровото мнозинство останува, темата е завршена
Vero

Изјавата на министерот за правда Игор Филков, дека „можеби е дојдено време да се ревидира Бадентеровото мнозинство“, предизвика силни реакции во јавноста. Премиерот Христијан Мицкоски брзо одговори, нагласувајќи дека ова прашање е затворено и не смее да биде предмет на ревизија.

Филков, во интервју за „Фокус“ објавено денеска, рече дека доколку Бадентеровото мнозинство се злоупотребува, тогаш треба да се размисли за негова промена. Но, Мицкоски на новинарско прашање изјави дека тоа е дел од Охридскиот рамковен договор и како такво е дел од Уставот.

„Рамковниот договор е исполнет во целост и тоа е завршена тема. Она што е институционален проблем – балансерот што беше укинат од Уставниот суд – ќе се решава со нов Закон за правична застапеност, кој покрај етничката ќе предвиди и критериум за квалитет и компетенции. Законот е испратен во Венецијанската комисија и очекуваме мислење пред да оди на гласање“, изјави премиерот.

ДУИ веднаш реагираше преку својот портпарол Арбер Адеми, кој оцени дека предлозите на Филков се опасни и водат кон нарушување на меѓуетничките односи. „Оваа Влада систематски го напаѓа Охридскиот договор – со укинување на балансерот, со непочитување на правичната застапеност и албанскиот јазик“, рече Адеми.

Третиот коалициски партнер во Владата, албанската коалиција „Вреди“, засега нема официјален став.

За евентуална промена на Бадентеровото мнозинство би била потребна уставна интервенција и двотретинско мнозинство во Собранието – политичка мисија која во моментов е невозможна.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран