Фолк-пејачот Наум Петрески, едно од најпознатите гласови на македонската естрада, ја оживеа класичната песна „Ако умрам ил загинам“ со посебна емотивна посвета на својот пријател и музичар Андреј од ДНК, кој трагично го загуби животот во пожар во Кочани.
Новата верзија на песната е дел од патриотскиот проект „Македонијо, во срце те носиме“ и носи свежа, подмладена аранжманска интерпретација потпишана од маестро Николче Мицевски, со зачуван духот на оригиналната изведба на Јонче Христовски.
Песната сега не е само патриотска химна, туку и топла порака за пријателство, љубов и спомен на Андреј како музичар, пријател и човек. Емотивното видео го прикажува Наум со Андреј, со фотографии од нивните заеднички дружби, додека стиховите „…Немој да ме жалите, напијте се рујно вино…“ ја пренесуваат и човечката желба за живот и сеќавање на родната земја.
Со својот препознатлив глас, Наум Петрески ѝ дава нов живот на оваа вечна песна, која сега ќе остане како молитва и спомен за саканиот пријател.