
На 40-тата седница на Советот на јавни обвинители, изборот за нов раководител на Вишото јавно обвинителство – Скопје заврши без епилог. Иако беа разгледани повеќе кандидатури, ниту еден од пријавените не успеа да обезбеди доволна поддршка за да биде избран на функцијата.
Во трката останаа четири имиња – Фатиме Фетаи, Владимир Милошевски, Артан Ајро и Јасмина Костовска Здравевска, откако Александар Марковски во меѓувреме беше избран за јавен обвинител во ОЈО ГОКК и отпадна од изборната постапка. Претседателот на Советот, Башким Селими, појасни дека првично интерес покажале седум кандидати, но двајца, Џелал Бајрами и Трајче Пеливанов, се повлекле уште пред одлучувањето.
Во текот на расправата, државниот јавен обвинител Ненад Савески јавно ја поддржа кандидатурата на Костовска Здравевска, потенцирајќи дека станува збор за професионалец со кредибилитет, препознатлива по својот интегритет и позитивен пристап во струката. Неговиот став го поддржа и Марија Илиевска, која нагласи дека ваквата оценка се потврдила и за време на интервјуата со кандидатите.
Од друга страна, Ермонд Незири го даде својот глас за Фетаи, оценувајќи ја како најискусна и, според него, најподготвена да ја преземе раководната позиција.























