
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со делегација на Светска банка, предводена од Xiaoqing Yu, на која беа разгледани клучните енергетски проекти во државата.
Како што информира Божиновска, во фокусот на разговорите биле тековните активности за модернизација на системите за централно греење во Скопје и Битола, како и новите инвестиции во обновливи извори на енергија, кои имаат за цел целосна трансформација на енергетскиот систем.
Министерката потенцираше дека паралелно се работи и на унапредување на енергетската ефикасност, при што се подготвува план за подобрување на 33 јавни институции. Оваа инвестиција, како што нагласи, ќе донесе почист воздух, намалени трошоци и директни придобивки за граѓаните, но и дополнителен економски поттик.
На средбата било истакнато дека регионалното енергетско поврзување останува стратешки приоритет, со цел изградба на стабилен, модерен и одржлив енергетски систем кој ќе ја зајакне позицијата на државата.
Божиновска ја нагласи и важноста од партнерството со Светската банка, оценувајќи дека со заеднички напори ќе продолжи реализацијата на реформите со засилена динамика, насочени кон обезбедување енергетска сигурност, одржливост и европска перспектива.























