
Шест години по почетокот на своето истражување, проф. д-р Ганка Цветанова го заокружи својот значаен социолошки и интердисциплинарен труд „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков за македонскиот идентитет и за нацијата“. Монографијата, како што оценува проф. д-р Константин Миновски, не е само академски труд, туку и аналитички преглед на визионерството на Мисирков, човекот кој во време кога автономна Македонија и национална црква биле далечна идеја, веќе го замислувал универзитетот и Академијата на науките како реалност на иднината.
Цветанова истакнува повеќе аспекти на значењето на Мисирков за македонската нација. Со „За македонцките работи“, тој поставува основи за македонскиот литературен јазик и правопис, а истовремено неговиот труд се претвора во своевидна „Библија на Македонците“, документ кој се препрочитува, кој ја обликува националната свест и има повеќеслојна вредност: историска, јазична и политичка.
Проф. д-р Цветанова го истакнува Мисирков како еден од столбовите на македонското национално движење: славист, историчар, етнограф, публицист и еден од основачите на Македонското научно-литературно другарство, претходник на денешната Македонска академија на науките и уметностите.
Академик Катица Ќулавкова дополнува дека оваа монографија не е само научен придонес, туку труд што ќе остави длабок белег врз македонскиот јазик, култура и национален идентитет, потврдувајќи ја улогата на Мисирков како визионер кој ја надживеал својата епоха.























