Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата редовна седница во полн состав, одржана на 12 јуни 2025 година, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со животот на нашата Света Црква. Светиот синод ги разгледа и ги усвои годишните извештаи од епархиите на МПЦ – ОА во татковината и дијаспората, а неколку свештенослужители удостои со повисоки црковни чинови.
Светиот архијерејски синод, исто така, го разгледа и предлогот на Претседателот на САС на МПЦ – ОА, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, за избор на иден Митрополит на упразнетата Дебарско-кичевска епархија.
Раководен од Светиот Дух, Светиот архијерејски синод едногласно и еднодушно го избра Неговото Високопреподобие архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за Митрополит на Дебарско-кичевската епархија при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Достоен!
Наречението на новоизбраниот Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12 јули 2025 година, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник, а епископската хиротонија и интронизацијата за Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 13 јули 2025 година, на Павловден, во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид.
Од канцеларијата
на Светиот архијерејски синод на
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија