
Националниот парк Шар Планина објави дека планината моментално е изложена на висок лавински ризик, особено во зоните над 1700 метри. Комбинацијата на свежи снежни врнежи, силен ветер и нестабилен релјеф создава критична ситуација за движење во високите делови на планината.
Инцидентот на терен се случи откако операторот за слободно скијање „Ескимо спорт“ пријави лавина. Тимови на паркот извршија увид и потврдија дека нема загрозени или исчезнати лица. На среќа, лавината помина без човечки жртви.
Стручна анализа на снежната покривка од експерти за безбедност во планинскиот туризам го потврди високото ниво на опасност – степен 4 според европската скала. Посетителите се предупредуваат да не се движат во потенцијално ризични зони сами и без стручно водство.
Тимот на Националниот парк апелира секоја посета да биде пријавена преку официјалната веб-страница за да се обезбеди навремена реакција во случај на опасност. Тимовите за мониторинг, заедно со туристичките оператори и експертите за лавини, ќе продолжат со континуирано следење на теренот и известување на јавноста за промени.
Иако зимските убавини на Шар Планина се магнет за туристите, стручњаците предупредуваат дека лавинската опасност е непредвидлива и бара внимателно планирање, одговорно однесување и строго почитување на безбедносните правила.



























