Владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) започнува со рационализација на бројот на службени возила и нивно брендирање со специјални регистарски таблички, при што нефункционалните возила ќе бидат продадени или расходувани.
– До денешниот пресек имаме околу 500 брендирани возила, односно возила коишто добиле специјални таблички. Има и голем број возила во процедура, а краен пресек ќе направиме по две недели – изјави денеска директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
Тој ја посети општина Гази Баба, една од првите кои ги заменија табличките, и информира дека сите скопски општини, како и градовите Велес, Кавадарци и Штип, се во слична постапка.
– Денеска ќе биде објавен телефонски број и меил адреса за пријавување злоупотреби на службени возила. СОЗР ќе ги препраќа пријавите до институциите, а раководителите ќе можат да преземат дисциплински мерки – истакна Томовски.
Тој додаде дека владината служба поседува 220 возила, од кои 50 се обележани, а останатите ќе бидат продадени или расходувани за рационализација и заштеда на трошоци. Вкупниот број на државни возила е околу 7.500, но точен пресек нема. Според Томовски, само 1.500 до 2.000 возила се потребни за функционирање на администрацијата.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, нагласи дека ова е втор чекор во борбата против злоупотреби, по воведувањето на 24-часовен систем за следење на движењето на општинските возила.
– Лично, во четири години мандат немам користено службено возило – додаде Стефковски.