
Во раните утрински часови на 11 април, околу 1:30 по полноќ, во дворот на едно средно училиште во Битола бил извршен вандалски напад при кој биле запалени контејнери за отпад. Огнот брзо се проширил и предизвикал материјална штета на задниот дел од училишната зграда, оштетувајќи ја фасадата.
Благодарение на брзата реакција на противпожарните екипи и припадниците на Министерството за внатрешни работи, пожарот бил навреме ставен под контрола, со што биле спречени посериозни последици и поголема материјална штета.
Настанот е официјално пријавен, а надлежните органи веќе преземаат мерки за идентификација и санкционирање на сторителите. Во меѓувреме, од училиштето најостро го осудија овој чин, оценувајќи го како недозволиво уништување на јавен имот и упатија апел до институциите за брза и ефикасна постапка.























