
Instagram и матичната компанија Meta започнуваат значително проширување на правилата за заштита на тинејџерите, со што ограничувањата за содржина сега ќе важат глобално за сите малолетни профили, а не само во одредени земји.
Новите поставки се инспирирани од филмскиот систем на класификација за публика 13+, и имаат цел да ја намалат изложеноста на младите на материјали што вклучуваат екстремно насилство, сексуално експлицитни сцени, злоупотреба на дроги и слични чувствителни теми. Покрај тоа, алгоритмите ќе бидат поагресивни во отстранување од препораките на објави со несоодветен јазик, ризични предизвици и содржини поврзани со употреба на канабис или реквизити за дрога.
Една од клучните новини е воведувањето на режимот „Ограничена содржина“, кој поставува построги филтри и дополнително ја затегнува интеракцијата. Тинејџерите во овој режим нема да можат да гледаат, испраќаат или оставаат коментари под објавите.
Од компанијата порачуваат дека иако целта е да се создаде посигурна средина, системот не е имун на пропусти. Според нив, повремено појавување на несоодветни содржини е неизбежно, но тие ќе работат на тоа таквите случаи да станат што поретки, со постојани подобрувања на филтрите.
Првичниот маркетинг на овие мерки ги претставуваше како еквивалент на PG-13 филмска ознака, но таквата споредба наиде на отпор од Американското здружение на филмската индустрија (MPA), кое предупреди дека социјалните мрежи не можат директно да се споредуваат со филмската класификација и побара Meta да престане да го користи тој термин.
Под притисок од критики и правни спорови, компанијата последователно се дистанцира од таа формулација, признавајќи дека природата на социјалните мрежи суштински се разликува од филмската индустрија, и дека новите поставки се само приближна ориентација кон „содржина погодна за тинејџери“.
Во поширок контекст, Meta продолжува да се соочува со обвинувања дека долги години растот на платформата имал предност пред заштитата на младите корисници. Како одговор, компанијата постепено воведува дополнителни безбедносни алатки, од известувања за родители при пребарување на чувствителни теми, до нови контроли за вештачка интелигенција и ограничувања за пристап на тинејџери до одредени AI функции.






















