
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ предупреди дека земјата по повеќе од една деценија членство во Европската Унија не покажала суштински економски напредок, оценувајќи дека извозот останува клучен, но недоволно развиен фактор на раст.
На средба со членови на Клубот на извозници, Милановиќ истакна дека само конкурентен и технолошки заснован извоз може да биде вистински генератор на економски раст. Тој нагласи дека Хрватска произведува и извезува релативно малку, при што вкупниот извоз на стоки и услуги изнесува околу 46 милијарди евра.
Според него, и покрај растот на номиналните показатели по влезот во ЕУ, структурата на економијата останува непроменета, со зависност од увозно знаење и услуги. Милановиќ предупреди и дека земјата е силно зависна од туризмот, што ја прави ранлива на надворешни фактори.
„По 13 години во ЕУ сме на слична позиција како на почетокот. Туризмот е единствената индустрија која значително се разви, но тоа е и форма на зависност од еден извор на приходи“, порача тој.
Тој се осврна и на позицијата на Европската Унија во глобалните економски текови, оценувајќи дека, иако Унијата има трговски суфицит и самодоволност во одредени сектори, постепено губи влијание како глобален фактор.
На состанокот беа презентирани и нови податоци за хрватскиот извоз, според кои Германија, Словенија, Италија, Босна и Херцеговина и Србија се петте најважни пазари. Податоците покажуваат дека повеќе од половина од извозот е концентриран на само пет земји, додека значителен дел од растот доаѓа од неколку клучни пазари.
Милановиќ порача дека Хрватска мора да ја зајакне конкурентноста и да ја намали зависноста од ограничен број сектори и пазари, доколку сака долгорочен економски развој.























