
Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ изјави дека сè уште нема договор за нов датум за одржување на состанокот на Процесот Брдо-Бриони, нагласувајќи дека одлуката за негово откажување била неизбежна поради однесувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ.
По посетата на основно училиште во Риека, заедно со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, Милановиќ изрази жалење што самитот нема да се одржи, оценувајќи дека станува збор за важен форум за регионален дијалог.
„Жалам што дојде до ова, но беше невозможно да се организира средбата во вакви услови. Изјавите што ги слушаме во последно време се непримерни и ја ставаат Хрватска во незавидна позиција како домаќин“, истакна Милановиќ.
Тој додаде дека не може постојано да одговара на тврдења дека Хрватска претставува закана за Србија, оценувајќи дека таквиот наратив е неприфатлив.
Од своја страна, Пирц Мусар нагласи дека Процесот Брдо-Бриони ќе продолжи, иако во моментов не е познато каде ќе се одржи следната средба.
„Заеднички ќе работиме на изнаоѓање нов организатор и термин, бидејќи дијалогот во регионот мора да продолжи“, изјави таа.
Инаку, Милановиќ на 30 март официјално го откажа самитот што требаше да се одржи во мај, образложувајќи дека актуелните политички изјави и постапки од Белград се спротивни на целите на иницијативата и негативно влијаат врз односите во регионот.
Во реакција, Вучиќ изјави дека состанокот не морал да биде откажан поради него, додавајќи дека Хрватска можела да покани други учесници наместо него.






















