Повторените локални избори во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа ќе се одржат на 11 јануари 2026 година, откако во првиот изборен круг минатиот месец не беше постигната потребната излезност. Жителите на овие општини ќе добијат нова можност да изберат градоначалници и членови на општинските совети.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска го потпиша актот за распишување на повторени избори во согласност со Уставот и Изборниот законик, со што започнуваат да течат законските рокови и процедури за нивно спроведување.
Гаши упати повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии и набљудувачките организации да работат транспарентно, професионално и совесно, а политичките субјекти да придонесат за мирен и фер изборен процес во духот на демократските стандарди.
Тој апелираше и до граѓаните активно да го остварат своето избирачко право, нагласувајќи дека повторувањето на изборите ја истакнува важноста на секој глас во локалното одлучување и во зајакнувањето на легитимитетот на институциите.























