Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска изјави дека Бугарија намерно избегнува билатерална средба меѓу претседателите на двете земји на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, заменувајќи го најавениот претседател Румен Радев со премиерот Росен Жељазков. Според него, станува збор за политичка егзибиција од страна на Софија, со која се избегнува директна дебата пред меѓународните партнери.
„Иницијативата за средба дојде од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и ние веднаш ја прифативме. Целта беше двајцата претседатели да седнат на иста маса, фасилитирани од ЕУ и во присуство на генералниот секретар на НАТО и американски претставници, и да ги соочат своите аргументи. Но, наместо претседателот Радев, Бугарија сега испраќа премиер“, рече Мицкоски.
Тој најави дека ќе одржи состанок со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ќе ја претставува Македонија на Самитот, со цел да се координираат позициите. Премиерот нагласи дека секоја иницијатива за билатерална средба, без разлика дали се работи за претседател или премиер, треба да се прифати, бидејќи Македонија мора да биде проактивна и транспарентна во спорот со Бугарија.
„Проблемот не е во неколку стотини граѓани кои се изјаснуваат како Бугари, туку во системска политика на Софија која се спроведувала со поддршка од домашни квислинзи. За жал, такви имаше и во минатата влада“, посочи Мицкоски.
Тој повтори дека суштината на спорот лежи во обидот за историски ревизионизам и негирање на македонскиот идентитет, наведувајќи дека „се работи за стратегија што со децении се спроведува, а целта е создавање на лажна нарација за настанокот на македонската нација и јазик“.
Мицкоски ја повика ЕУ и НАТО да бидат присутни на евентуалната билатерална средба, додавајќи дека само преку отворен дијалог пред меѓународната заедница може да се разберат вистинските намери на двете страни.
„Можеби ќе слушнеме и нешто ново од бугарска страна. На пример, што се случи со 200.000 Македонци од Западна Бугарија меѓу 1956 и 1965 година“, праша премиерот на заедничката прес-конференција со високата претставничка на ЕУ, Каја Калас.
Од официјална Софија досега нема реакција на предлогот за средба во Хаг.