
Групата која бара промени во раководството на СДСМ и смена на Венко Филипче денеска излезе со остри критики кон актуелното раководство на партијата, но и кон политиките на власта, ЗНАМ и поранешните лидери на СДСМ, Зоран Заев и Бранко Црвенковски.
На прес-конференција, Игор Ивановски, Емилијан Станковиќ, Славјанка Петровска, Александар Ќуркчиев, Андреј Петров и Гордан Георгиев порачаа дека нивната цел е СДСМ да се промени одвнатре и повторно да стане опозициска сила способна да се спротивстави на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие нагласија дека немаат намера да формираат нова политичка партија, да настапуваат со независни листи или да повикуваат на гласање против СДСМ.
„Ние никогаш нема да повикаме да се гласа против СДСМ. Нема да формираме ни политичка партија, нема да излеземе со независни листи, а зад нашата платформа не стои ниту пак ќе стои бизнисмен што нѐ финансира“, порачаа тие.
Од платформата оценија дека СДСМ се наоѓа на „егзистенцијален минимум“ и дека времето за промени е ограничено. Според нив, доколку не дојде до промена на лидерската позиција, партијата ризикува дополнително да го загуби рејтингот.
Ивановски ја критикуваше и актуелната влада, оценувајќи дека високата поддршка што ја има не се темели на мерливи резултати. Тој обвини за проблеми со корупцијата, сервисите кон граѓаните, инфлацијата и ликвидноста на компаниите.
Од платформата истовремено се оградија од политичкото наследство на Зоран Заев и Бранко Црвенковски, иако дел од нив во јавноста се поврзуваат со поранешни структури во СДСМ.
Особено критични беа кон односите меѓу власта и опозицијата. Ивановски оцени дека постои состојба во која, како што рече, Христијан Мицкоски „купува време“, додека Венко Филипче „купува слобода“, притоа обвинувајќи ги двете страни дека придонесуваат за дефокусирање на јавноста.
Емилијан Станковиќ порача дека актуелното раководство на СДСМ не може да продолжи со досегашната политика, додека Андреј Петров рече дека одговорноста за состојбата во партијата не ја гледа само кај Филипче, туку и кај претходните раководства.
„Ние нема да бидеме мршојадци. Подготвени сме сега да ја преземеме СДСМ, иако знаеме дека оди кон пораз. Ќе направиме подобар резултат. СДСМ е на егзистенцијален минимум, нема да чекаме“, изјави Петров.
Во однос на ВЛЕН, од платформата оценија дека станува збор за политичка партија создадена со политички инженеринг и ја обвинија за клиентелизам.
На прес-конференцијата беше отворено и прашањето за минатото на Филипче, при што Станковиќ го критикуваше неговото членство во СДСМ и начинот на кој бил избран за лидер.
Александар Ќуркчиев, пак, најави кривична пријава поради тврдењата на СДСМ дека бил управител на компанија која добила милионски тендер од Владата. Тој објасни дека бил ангажиран хонорарно од грчка компанија како инженер и поради познавањето на грчкиот јазик.
Ќуркчиев тврди дека немал никакво влијание врз тендерот и дека во објавата на СДСМ бил употребен фалсификуван негов потпис.
Славјанка Петровска, пак, оцени дека СДСМ во изминатиот период се променил до непрепознатливост и дека партијата, наместо да биде опозиција, станала „штит на власта“.
Таа порача дека падот на поддршката за СДСМ не може да се објаснува само со Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, туку и со, како што рече, неисполнетите очекувања од периодот на Шарената револуција.
Платформата најави нов собир во сабота, на кој треба да бидат претставени следните чекори. Тие велат дека ќе продолжат да дејствуваат во рамки на СДСМ и преку демократски механизми ќе бараат промени во партијата.














