
Енергетската транзиција не е повеќе избор, туку процес што мора да се спроведе без да се загрози стабилноста на електроенергетскиот систем, порача генералниот директор на МЕПСО, доц. д-р Бурим Љатифи, на меѓународната конференција „ЕНЕРГЕТИКА 2026“ во Струга.
Љатифи посочи дека електроенергетскиот систем се соочува со брзи промени, со зголемување на производството од сончеви и ветерни електрани, развој на системи за складирање енергија и растечки потреби на индустријата. Дополнително, се очекува приклучување на нови големи потрошувачи, меѓу кои и дата-центрите.
Според Љатифи, развојот на производните капацитети мора паралелно да биде следен со развој и модернизација на преносната мрежа.
„Производните капацитети и преносната мрежа мора да се развиваат заедно. Потребни се модернизација, нови далекуводи и трафостаници, поголем капацитет и подобро управување“, истакна Љатифи.
Тој нагласи дека за енергетскиот систем не е важна само количината на произведената енергија, туку и местото на приклучување и динамиката на раст на потрошувачката. Навременото планирање на инвестициите, техничките услови и фазите на приклучување, како што посочи, обезбедува предвидливост за инвеститорите и техничка одржливост на системот.
На конференцијата беше истакнато и значењето на паметната и сигурна интеграција на обновливите извори на енергија. Претседателот на ЗЕМАК, Борко Алексоски, посочи дека фокусот во последните две години се поместува од самото зголемување на производството од обновливи извори кон нивната интеграција во електроенергетскиот систем.
Во фокусот на „ЕНЕРГЕТИКА 2026“ се и складирањето на енергија, пазарните механизми, интеграцијата на обновливите извори и развојот на пофлексибилен и поотпорен електроенергетски систем.














