
Од 29 октомври граѓаните ќе можат да ја преземат националната мобилна апликација „м.Услуги“, преку која ќе имаат пристап до електронска лична карта и возачка дозвола директно од својот мобилен телефон.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека официјалната промоција на апликацијата ќе се одржи на 28 октомври, додека преземањето преку Play Store и App Store ќе биде овозможено од следниот ден.
Во првата верзија на апликацијата, покрај електронските документи, ќе бидат достапни и услуги за потврда за стаж, како и пристап до лични податоци од Централниот регистар на население.
Андоновски појасни дека дигиталните документи нема да бидат обични фотографии од личните документи зачувани на телефонот. Тие ќе бидат поврзани со механизам за електронска идентификација, преку кој институциите ќе можат да ја проверуваат нивната автентичност и валидност.
Апликацијата ќе биде бесплатна и нејзиното користење нема да биде задолжително. Според министерот, целта е граѓаните да добијат дополнителна можност за користење на јавните услуги, без да се укинуваат постојните начини.
Проектот, како што информираше Андоновски, е развиен со поддршка на Европската Унија, Лисабонскиот совет, Полска и Украина, а неговата вредност надминува 1,5 милиони евра, без средства од македонскиот буџет.
Во следните фази се планираат и дополнителни можности, меѓу кои електронско сандаче, потсетници за истекување на документи и полесен пристап до најкористените услуги на институциите.















