
Македонија денеска ја очекува уште еден исклучително топол ден, со температури кои на места ќе достигнат до 40 степени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој на места повремено ќе засилува.
Минималните температури ќе се движат од 14 до 23 степени, додека максималните ќе достигнат од 32 до 40 степени.
Во Скопје исто така се очекува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој во одделни делови од Скопската Котлина повремено ќе биде засилен. Утринската температура ќе се спушти до 19 степени, а максималната дневна ќе достигне околу 38 степени.
Сепак, по екстремно топлиот период следува промена на времето.
Според УХМР, утре и задутре на повеќе места ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ваквата промена ќе донесе и благо освежување и пад на температурите.
Граѓаните се советуваат во најтоплиот дел од денот да избегнуваат подолг престој на отворено, да внесуваат доволно течности и да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури.

















