
Македонија и утре, 12 август, ќе биде зафатена од нов топлотен бран, со температури кои на места ќе достигнат и до 40 степени Целзиусови.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавува високи температури низ целата држава и прогласи портокалов аларм за опасност од високи температури. Алармот е на граница со црвената фаза, која се активира доколку два дена по ред се регистрираат температури над 40 степени.
Најтопло ќе биде во јужните делови од земјата. Во Гевгелија и Демир Капија се очекува температурата да достигне до 40 степени, додека во Скопје максималната температура ќе се искачи до 38 степени.
Здравствените институции апелираат граѓаните да бидат особено внимателни во најтоплиот дел од денот. Се препорачува редовно внесување течности, избегнување директна изложеност на сонце во периодот од 11 до 17 часот и носење лесна и светла облека.
Посебна претпазливост се препорачува за лицата над 60 години, малите деца, бремените жени, хронично болните и лицата кои работат на отворено. На хронично болните им се советува редовно да ја земаат препишаната терапија и да не ја менуваат без консултација со лекар.
Од Итната медицинска помош предупредуваат да не се игнорираат првите знаци на топлотно исцрпување, бидејќи состојбата може брзо да се влоши доколку изложеноста на високите температури продолжи.
Граѓаните се повикуваат во текот на најтоплиот период од денот, доколку е можно, да престојуваат во разладени или климатизирани простории и да избегнуваат непотребни активности на отворено.

















