
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, упати посебна благодарност до младиот тракторист Александар Чепиговски – Аце од село Ивањевци, кој со својот трактор помогнал во спречувањето на ширењето на пожарот.
Ангелов истакна дека Чепиговски покажал извонредна вештина во управувањето со својот трактор, при што се изложил на голем ризик за да помогне во гаснењето и локализирањето на огнената стихија.
Младиот тракторист орал директно низ линијата на огнот, со што на повеќе места успеал да го сопре ширењето на пожарот.
„Посебно сакам да го истакнам и да му се заблагодарам на младиот тракторист Аце – Александар Чепиговски од с. Ивањевци. Тој покажа извонредна вештина на управување со неговиот огромен трактор, изложувајќи се на голем ризик, орајќи директно низ линијата на огнот со што го сопре ширењето на пожарот на повеќе места“, порача Ангелов.
Неговиот храбар потег претставува уште еден пример за пожртвуваноста на локалното население, кое активно им помага на службите во справувањето со пожарите.

















