Општина Битола ја извести јавноста за утврдената постапка и динамика за исплата на финансиските надоместоци на членовите на избирачките одбори, кои беа ангажирани за реализација на локалните избори во 2025 година.
Од секторот за односи со јавност информираат дека, во согласност со законската обврска, веќе е реализирана исплата на 25 отсто од вкупната сума од буџетот на Општина Битола. За оваа делумна исплата, претседателите на избирачките одбори се соодветно известени.
Преостанатите 75 отсто од средствата се интегрирани и предвидени во Предлог-буџетот на Општина Битола за 2026 година. Овој предлог-буџет е веќе доставен до советниците во Советот на Општина Битола и се очекува да биде изгласан пред завршувањето на тековната календарска година.
Од Општината нагласуваат дека финалната исплата на надоместоците за сите членови на избирачките одбори ќе биде реализирана во текот на првиот квартал од следната година.



























