Станбените, деловните и објектите за колективно домување на подрачја каде е можно приклучување на систем за дистрибуција на топлинска енергија, задолжително ќе мора да се проектираат и изградат со целосна машинска и техничка инсталација за парно греење. Ова е предвидено со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, кој денеска доби поддршка од Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање во Собранието.
Комисијата заклучи дека законот ќе продолжи во натамошна собраниска постапка, откако констатираше дека нема поднесени амандмани. Со измените се очекува поефикасно користење на енергијата и заштита на топлината во урбаните средини, што ќе придонесе и за подобрување на животната средина во зимскиот период.
– Измените се донесуваат како одговор на практичните проблеми со обезбедување квалитетно и унифицирано снабдување со топлинска енергија. Целта е да се постави стандард за модерно урбано живеење и да се намали загадувањето во зимските месеци – соопшти Владата.
На истата седница, поддршка доби и Предлог-законот за дополнување на Законот за јавни патишта, кој е во прво читање и содржи европски стандарди.



























