Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, денеска во Истанбул оствари билатерална средба со својот бугарски колега, вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов.
Средбата се одржа во рамки на меѓународниот форум „Глобална транспортна поврзаност“, на кој Николоски имаше и свое обраќање.
Како што информира Министерството за транспорт и врски, на средбата било потенцирано дека изградбата и модернизацијата на европските транспортни коридори, особено железничкиот и патниот коридор 8, претставуваат предуслов за регионален економски развој и подобрување на транспортните и трговските текови.
„Потенцирајќи го прашањето за железничкото поврзување меѓу двете земји, двајцата соговорници нагласија дека овој проект има регионална димензија, каде покрај економското значење, се наметнува и прашањето за стратешкото позиционирање на НАТО-алијансата преку поврзување на Јадранското и Црното море. Двајцата соговорници се согласија за нова средба во периодот кој следи, со цел заеднички да се усогласи текстот на договорот со кој ќе се постигне согласност за изградба на заедничкиот тунел, којшто треба да ги поврзе Македонија и Бугарија со што ќе се придвижат работите за реализација на железничкиот коридор 8“, се наведува во соопштението.
Исто така, Николоски и Караџов се согласиле да испратат експерти од двете страни кои ќе учествуваат на претстојниот состанок за коридорот 8 што ќе го организира Европската комисија во јули.