
Силното невреме што вчера ја зафати земјава предизвика бројни материјални штети, а најпогодено е Скопје, каде преку Единствениот број за итни повици 112 биле примени над 9.000 повици од граѓани, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Најголем дел од пријавите се однесуваат на паднати дрвја, оштетени возила и кровни конструкции, скинати електрични кабли, паднати бандери и други оштетувања. Екипите на надлежните институции се на терен и работат на расчистување на последиците и нормализирање на состојбата.
Освен во Скопје, последици од невремето се регистрирани и во повеќе региони низ државата. Во Вардарскиот регион се пријавени паднати дрвја, оштетени кровови, прекини во електроснабдувањето и пожар во индустриската зона во Кавадарци, кој бил брзо локализиран.
Во Куманово се евидентирани оштетени фасади, кровови, паднати дрвја врз возила и оштетувања на електричната инфраструктура, додека во Прилеп силниот ветер откорнал лимен покрив од управната зграда на ЈП „Национални шуми – Црн Бор“.
Во источниот дел од државата најголеми штети има во Пробиштип, Кочани и Штип. Во Пробиштип се оштетени кровови, возила и патна инфраструктура, во Кочани околу 80 проценти од градот останал без електрична енергија, а во Штип силниот ветер ја оштетил кровната конструкција на Клиничката болница, при што биле поплавени дел од болничките простории.
Во Струмица, пак, освен оштетувања на електроенергетската мрежа и кровни конструкции, пријавени се и штети во земјоделството, вклучително и оштетени оранжерии и земјоделски култури.
Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби остануваат на терен и продолжуваат со активности за отстранување на последиците од невремето.

















